МЗТ блесна кога беше најтешко, голема победа над Војводина во Нови Сад

МЗТ Скопје со перфектни 3-0 го заврши турнирот од АБА2 лигата што се одржува во Нови Сад, откако македонскиот првак вечерва ја забележа најважната победа, против домаќинот Војводина со резулат 89-84. Аеродромци одиграа одлично против еден од фаворитите за влез во АБА1, го контролираа резултатот во голем дел од дуелот, а дури и кога Војводина поведе кошаркарите на МЗТ покажаа карактер вртејќи го резултатот во своја полза.

МЗТ Скопје одлично го почна натпреварот, со цврста одбрана неутрализирајќи ги најдобрите противнички кошаркари. На спротивната страна, беспрекорно функционираше шутот од далечина на македонскиот состав, па предноста од минута во минута се зголемуваше. По првата четвртина резултатот гласеше 24-12, а потоа МЗТ во неколку ситуации имаше и „плус 15“ во вториот период. Војводина се спушташе на едноцифрена разлика, но шутевите од далечина беа главно оружје на аеродромци во овој дел од мечот (11 погодени тројки со 64,7% успешност во првото полувреме), па на одмор се замина со убедливи 54-42.

Нападот не можеше да продолжи во ист ритам, а штом МЗТ почна да промашува тимот на Војводина се повеќе се враќаше во натпреварот. Српскиот претставник дури успеа и да поведе, но аеродромци секогаш имаа одговор. Херој на мечот беше Баковиќ, кој имаше атрактивно забивање по офанзивен скок, потоа блокада при обид на Николиќ, за истиот кошаркар да погоди клучен шут за 88-84 со звукот на сирената за напад, на 12 секунди до крајот на мечот.

Баковиќ со 17 поени беше клучна фигура во таборот на македонскиот првак, Ворку имаше 13 поени и 7 асистенции, 13 поени постигна и Војдан Стојановски, а 12 Делалиќ.

МЗТ Скопје со овој триумф сега има скор 7-3 и се наоѓа на делба на третото место со Војводина и со Широки Бријег, во пресрет на последниот балон-турнир што ќе се игра во Шибеник.

Се вчитува...