МЗТ даде четири поени за една четвртина и на крајот загуби од Гостивар

Кошаркарите на Гостивар приредија вистинска сензација откако вечерва во премиерниот меч од 17. коло во Првата лига на домашен терен славеа над актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром со 60-55. Maкедонскиот шампион одигра еден катастрофален натпревар, а за тоа како изгледаа кошаркарите на МЗТ на теренот покажува тоа што во третиот период успеаја да постигнат само четири поени.

Гостите подобро го отворија натпреварот и по десет минути играа имаа позитива од 15-21. Домашниот тим заигра далеку подобро во вториот период, па на пауза меѓу двете полувремиња замина со негатива од само два поени 33-35.

Актуелниот шампион одигра катастрофална трета четвртина во која постигна само четири поени, па гостиварци иако не беа и тие напаѓачки расположени пред последните десет минути влегоа со позитива од 48-39.

Скопскиот тим со добра игра успеа да се врати во мечот и да го сведе натпреварот во неизвесна завршница откако на минута и петнаесет секунди резултатот беше израмнет 53-53. Во финишот подобро се снајдоа домаќините кои на крајот стигнаа до конечен триумф од 60-55. Дарко Соколов со 13 поени беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените недоволни беа 18 поени на Војдан Стојановски.

Се вчитува...