МЗТ Скопје излезе како победник од големото суперлигашко дерби, на гостински терен против Пелистер со резултат 67-72, покажувајќи дека и оваа сезона е тим број 1 во мак-баскетот. „Пелистерци“ влегоа со максимални 5-0 во овој дуел, МЗТ имаше 4-1 по оној службен пораз поради големиот превид против Ангели, но гостите од Скопје покажаа квалитет и искуство кога беше најважно, во последната четвртина резултатски се одлепија и стигнаа до победата. За жал, финишот на ова дерби мина во тензична атмосфера во која судиите ги исклучија тренерот и службениот претставник на „зелено-белите“, поради бурни протести на една одлука во последната минута.
Првото полувреме не донесе преголема кошаркарска убавина, се играше цврсто во одбраната на двете страни, се грешеше во нападите и ниту еден од тимовите не можеше посериозно да се одлепи резултатски. Првата четвртина заврши 13-15 за МЗТ Скопје, во втората подобар беше Пелистер со 19-14, па на одмор се замина со предност на битолчани од 32-29. Третиот период донесе и големи тензии на теренот, судиите имаа полни раце работа покажувајќи технички грешки најпрвин на Дамјан Стојановски кај МЗТ, а потоа и на Малешевиќ во Пелистер.
Во последната четвртина се влезе со минимални 49-51 за МЗТ, а шампионот потоа прашањето на победнникот го реши за нецели пет минути во четвртиот период од мечот. Пелистер четири и пол минути не постигна ниту еден поен, „металците“ знаеја како да го искористат тоа, преку Војдан Стојановски стигнаа до првото двоцифрено водство (49-59), по што рутински го контролираше резултатот до нешто повеќе од три минути до крајот. Пелистер погоди две тројки преку Малешевиќ и Стајиќ, но веќе во следниот напад при 60-65 беше досудена неспортска лична грешка од Малешевиќ.
Страстите непотребно зовреа во последната минута, домаќините реагираа на еден прекршок врз Војдан Стојановски, по што абритрите најпрвин покажаа техничка грешка на помошниот тренер на Пелистер, а потоа го исклучија и тренерот и официјалниот претставник на клубот. МЗТ доби серија на слободни фрлања што аеродромци ги искористија за да слават со конечни 67-72.
Мекфеден беше прв стрелец на МЗТ Скопје со 20 поени, центарот Гил имаше дабл-дабл од 17 поени и 11 скокови. Најефикасни во редовите на Пелистер беа Стајиќ со 17 и Малешевиќ со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

