МЗТ Скопје веќе ги стартуваше подготовките за новата сезона, но управата се соочи со нов проблем, откако ФИБА објави дека македонскиот првак има две блокади за да може да регистрира нови засилувања. Аеродромци во изминатиот период најавуваа дека ќе биде тргната првата забрана, но не само што тоа не се случи, туку проблемите на еден месец до стартот на новата сезона двојно се зголемија.
Американецот Дастин Вер уште во месец април ги доби „металците“ во спорот против МЗТ Скопје, не само што тој проблем не е разрешен, туку во меѓувреме европската куќа на кошарката информираше и за втора блокада за аеродромци, а има најава за уште најмалку една слична разврска во случаите против МЗТ на кошаркарскиот суд на ФИБА.
МЗТ Скопје состави квалитетен тим за новата сезона, но од играчите кои се веќе договорени за засилувања само репрезентативците Маслинко и Магдевски ќе можат веднаш да влезат во натпреварувачки ритам бидејќи доаѓаат од македонското првенство.
Останатите двајца, Србинот Копривица и Американецот Слај ќе мора да почекаат за деби додека не биде решен проблемот со тужбите и пресудите од Кошаркарскиот суд БАТ. Само за појаснување, за забраните да бидат тргнати не треба да има целона исплата на парите, туку „металците“ ќе треба да потпишат спогодби за исплата со оние од кои ги имаат загубено БАТ-случаите. Ова навидум е лесно, но ако се знае колку лажни ветувања има дадено првиот човек на клубот во последните две години, јасно е зошто оние на кои им се должи пари не веруваат во неговите нови гаранции.
Во меѓувреме, „металците“ преговараат за да доведат уште едно квалитетно име во својот играчки ростер. Станува збор за Американецот Дион Едвин, квалитетен играч на домашната јавност познат од настапите за Работнички од пред две натпреварувачки сезони.
Едвин тогаш беше лидер на тимот на „центарци“, а сега сериозно ја разгледува опцијата за камбек во мак-баскетот, како член на МЗТ Скопје. И за него како и за Слај и за Копривица, најпрвин ќе мора да бидат кренати БАТ-забраните пред да може да го облече дресот на аеродромци, како во домашното првенство, така и во АБА2 лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА