Македонскиот вицешампион и претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, доби ‘висок центар’ во буџетот, потпишувајќи договор со „Џевахир Холдинг“. Станува збор за турската компанија, која стои зад висококатниците во општина Аеродром со која е потпишан едногодишен договор за соработка, со можност истиот да биде продолжен и на подолг период.
На денешната промоција на спонзорството присуствуваа Златко Марин, градоначалникот на општина Аеродром, која е целосен сопственик на акционерското друштво МЗТ Скопје Аеродром, Есер Џевахир, сопственикот на „Џевахир Холдинг“ и извршниот директор на нашиот клуб, Тони Грнчаров.
„Голема благодарност до „Џевахир Холдинг“ за инвестицијата во МЗТ Скопје Аеродром, со што уште еднаш покажа општествена одговорност за развојот на спортот и развојот на кошаркарскиот клуб од нашата општина“, изјави Златко Марин, градоначалникот на општина Аеродром.
Првиот човек на „Џевахир Холдинг“ исто така изрази задоволство од постигнатиот договор, со надеж дека тој ќе биде потстрек за остварување уште подобри резултати во иднина.
„За нас претставува задоволство што ќе соработуваме со клуб како МЗТ Скопје Аеродром. Се надевам дека оваа соработка ќе биде на подолг рок. Очекуваме клубот да има успеси не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Меѓутоа, свесни сме дека во спортот има голема конкуренција“, изјави Џевахир.
Директорот Грнчаров, пак, потенцира дека ова спонзорство и тоа како ќе биде од помош за МЗТ Скопје Аеродром.
„Нам како клуб многу ни значи поддршката која ја добивме од ‘Џевахир Холдинг’. Секому му се потребни стабилни средства во спортот. Договорот е потпишан на една година, но се надевам дека оваа соработка ќе трае подолго. Засега играчкиот ростер е затворен, а дали во скора иднина ќе треба да се засилуваме зависи од одлуката на тренерот Ѓорѓи Кочов“, изјави Грнчаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА