МЗТ Скопје ја продолжи доминацијата на домашната кошаркарска сцена откако аеродромци славеа со максимални 3-0 во финалната серија против Пелистер, по вечерашниот триумф во Битола со резултат 67-78. Исто како и во претходните две години, аеродромци беа подобар противник во финалето во однос на „пелистерци“, трета година во низа МЗТ го крева шампионскиот пехар во Битола, а втора година тоа го прави со максимални 3-0 во победи.
Слично како и на претходниот дуел, Пелистер беше тимот што подобро го отвори мечот, избраниците на Дарко Радуловиќ набрзина стигнаа до девет поени предност (13-4), нешто подоцна „зелено-белите“ имаа и плус осум (18-10), но како што одминуваше времето така и водството на домашниот тим се топеше. Домаќините не постигнаа поен во последните две и пол минути од почетната четвртина, па МЗТ по тројката на Петков го доби овој дел од мечот со 19-20.
Александар Костоски беше главна фигура во првото полувреме, а токму искусниот плејмејкер придонесе Пелистер подобро да ја одигра втората четвртина и на одмор да замине со водство од 43-39. Искуството и квалитетот на МЗТ Скопје сепак дојдоа до израз во второто полувреме, пред се во последната четвртина. По 30 минути игра резултатот гласеше 57-61, за потоа Пелистер за седум минути да постигне само три поени, а аеродромци да си го трасираат патот до победата која значеше и 11. шампионска титула.
Баковиќ и Гилон со по 15 поени беа најефикасни во таборот на МЗТ Скопје, а одлична партија имаше и млдиот Петков со 11 поени. Кај Пелистер двоцифрен ефект имаа само Костоски со 19 и Мијовиќ со 16 постигнати поени, а за одбележување е дека битолчани имаа катастрофални четири поени придонес од клупата (Лука Стојановски), премалку за да се замрсат сметките на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА