МЗТ Скопје на најдобар можен начин ја демонстрира својата моќ на завршниот турнир од Купотна Македонија што се игра во Гевгелија, откако бранителот на трофејот за помалку од 24 часа ги декласираше двата големи ривали, најпрвин Работнички, а денеска и актуелниот вицешампион Пелистр (103-88). „Сино-белите“ одиграа перфектен меч во кој благодарение на извонредниот шут во првото полувреме (9/13 за тројка во првото полувреме), по што искусно имаа целосна контрола над резултатот до самиот крај на мечот. Брилијантен беше Андреј Маслинко, кој постигна 29 поени без ниту едно промашување од поле во пресметката со својот поранешен клуб.
Пелистер поведе со 0-6 со шесте поени во низа на Лука Стојановски, а битолчани имаа водство се до 5-11. Потоа почна фуриозната низа на аеродромци кои за неколку минути направија серија од 15-0, период во кој блескаше Маслинко, а потоа и Марин Петков, кој со 12 поени во првата четвртина беше креатор на пресвртот и убедливата предност. Вториот период донесе само продолжување на доминацијата на МЗТ, „сино-белите“ знаеја не само да ја задржат, туку и да ја зголемат предноста, во 17. минута позитивата изнесуваше 20 поени (52-32), а со идентична предност бранителот на трофејот замина и на одмор (60-40).
„Сино-белата“ доминација продолжи, па аеродромци во третиот период поведоа и со 29 поени предност (80-51). Пелистер влезе во серија и со тројката на Стајиќ со звукот на сирената ја заврши четвртината со 82-60, потоа Лука Стојановски постигна три тројки во низа, разликата се спушти на 14 поени, но Маслинко беше енигма за својот поранешен клуб, експресно враќајќи ја позитивата на плус 20 (97-77). Остатокот од мечот мина во рутинска игра на двете страни, па ова полуфинале заврши со заслужено убедлива победа на МЗТ од 103-88.
Андреј Маслинко беше незапирлив и мечот го заврши со 29 поени и 10/10 од поле (7/9 за слободни фрлања), двоцирени беа и Петков со 14, Војдан Стојановски со 11 и Магдевски со 10 поени, а најефикасни кај Пелистер беа Лука Стојановски со 20 и Мишковиќ со 17 поени.
Противник на МЗТ Скопје во големото финале ќе биде победникот од вечерашниот дуел меѓу Кожув и Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА