МЗТ го освојува Сараево

Македонскиот кошаркарски вицепрвак, МЗТ Скопје Аеродром амбициите за висок пласман во АБА 2 лигата треба да ги потврди со успешно издание на денешното гостување кај еден од директните конкуренти за место во плеј-офот, екипата на Спарс од Сараево. Покрај ова, во дуелот од 11.коло, МЗТ е во обид и да го поправи лошиот гостински биланс во регионалното натпреварување. Ако триумфира во Сараево, МЗТ ќе дојде до вториот успех на противнички паркет.

Целта ќе треба да ја реализира без повредените македонски репрезентативци, Дарко Соколов, Љубомир Младеновски и Марко Симоновски.

„Пред нас е дуел против екипа која поседува голем физички талент, а згора на тоа има и голем број искусни играчи во својот ростер. Кошаркарите на Спарс играат агресивна одбрана, одлично трчаат во транзиција и секогаш се агресивно на офанзивен скок. Наспроти ова, ние во Сараево доаѓаме сериозно ослабени, без тројца играчи кои се стандардни во нашата ротација. Но, сигурен сум дека останатите во мојот тим ќе најдат сила и ќе го надополнат нивното отсуство“  – вели во пресрет на натпреварот, тренерот на МЗТ Кочов.

МЗТ и Спарс во моментов имаат идентичен биланс од седум победи и три порази. Во претходното коло, македонскиот состав забележа домашна победа над Сутјеска, а Спарс во натпреварот ќе влезе по поразот од Домжале.

Се вчитува...