МЗТ Скопје во второто коло ја забележа првата победа во македонскиот шампионат, откако попладнево рутински и убедливо го доби дуелот со Шкупи со убедливи 103-63. Тимот од Чаир се уште се екипира откако последен доби виза за настап во елитното друштво, па токму затоа тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов, им даде голема минутажа на своите помлади кошаркари, кои воглавно ја оправдаа неговата доверба.
Се беше јасно уште во првата четвртина, во која МЗТ поведе со 27-11, а откако вториот период заврши со 28-14 беше очигледно дека Шкупи ќе претрпи катастрофален пораз. Преостанатите 20 минути од натпреварот минаа во уште поголемо зголемување на предноста на актуелниот вицешампион, се до конечните 40 поени разлика.
Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, заедно со Иванов воопшто не беа во составот денеска, Медфорд и Соколов не влегоа во игра, додека Вудард и Бојиќ имаа минимална минутажа. Андреј Маслинко беше во главна улога на овој натпревар со 30 поени и 11 скокови, Мамузиќ постигна 17, а Лука Тодоровски 13 поени за МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА