МЗТ игра шампионска кошарка, го наплати со камата долгот на Чаир

МЗТ Скопје ја продолжи серијата импресивни настапи во Првата лига со нова убедлива победа, овојпат на домашен терен над Чаир со резултат 86-74. „Металците“ во првиот круг од натпреварувањето загубија во Чаир, но денеска со камата му се оддолжија на градскиот ривал, со извонредно издание зацврстувајќи се на првото место на табелата.

Аеродромци тргнаа моќно уште од самиот почеток, стигнувајќи до двоцифрена предност уште во 5. минута, со тројките на Војдан Стојановски и на Магдевски поведувајќи со 13-3. Првата четвртина заврши со 26-14 за актуелниот првак, а „сино-белите“ продолжија во ист ритам и во вториот период, на одмор заминувајќи со уште поубедливи 52-31. Победата беше практично осигурана, но аеродромци јасно покажаа дека немаат намера да го намалат темпото, во ниту еден момент не дозволувајќи им на гостите од Чаир да се вратат во мечот.

Тренерот Атанасов им даде шанса на сите кошаркари во ростерот за овој натпревар, но позитивата беше рутински задржана и МЗТ заслужено го доби овој меч со убедливи „плус 12“.

Магдевски беше прв стрелец на МЗТ со 14 поени, Војдан Стојановски мина на теренот 16 минути и реализираше 12 поени, 4 скока и 2 асистенции, додека најефикасни кај Чаир беа Кели со 19 и Ролинс со 14 поени.

Во вториот скопски дуел на денешната програма Работнички лесно ја оправда фаворитската улога против Вардар славејќи со 112-73. Ѓуроски беше најефикасен во победничкиот тим со 21 поен, а импресивен настап имаше Хот, реализирајќи дабл-дабл од 20 поени и 17 скокови.

Се вчитува...