Кошаркарите на актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром доживеаја пораз во АБА 2 лигата откако во дербито на рундата денеска беа поразени од Златибор Чајетина по продолженија со 85-90.
Првата четвртина почна во израмнета игра на двете страни, а по десет минути игра нашиот шампион имаше минимална предност од 20-18. Избраниците на Васко Атанасов продолжија одлично и во вториот период во кој одиграа неверојатно и на пауза заминаа со позитива од девет поени (42-33).
Во вториот дел МЗТ во еден момент имаше и плус 13 (54-41) и се одеше во одлична насока, пред во последниот период на теренот да се појави Брано Џукановиќ.
Неверојатниот кошаркар на Златибор во последниот период постигна 13 поени и успеа во последните 30 секунди да го доведе својот тим до позитва од плус три (69-72). Следеше тројка на капитенот на „металците“, Дамјан Стојановски кој на 15 секунди до крајот успеа да донесе ново израмнување. Златибор го имаше последниот напад на натпреварот, но не успеаја да го реализираат па мечот замина во продолженија.
Taму, повторно неверојатен беше Џукановиќ кој на крајот донесе победа за Златибор од 85-90. Токму Џукановиќ со 32 поени беше прво име кај победникот, додека кај македонскиот шампион Гилон постигна 25 поени, додека Делалиќ заврши со 21.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА