МЗТ Скопје одигра квалитетно на уште едно гостување, но и тоа не беше доволно за македонскиот првак да стигне до позитивен резултат на гостувањето против Игокеа (96-90). Избраниците на Александар Петровиќ со храбра игра се доведоа во ситуација да имаат и водство од два поени на помалку од три минути до крајот, но немаа сили да го издржат темпото до самиот крај, за седми пораз во деветтиот овосезонски натпревар во АБА-лигата.
Игокеа уште од самиот старт на мечот наметна силно темпо, со брзите напади создавајќи му огромни проблеми на македонскиот првак. За помалку од пет минути игра домашниот состав веќе постигна 15 поени (15-7), една минута подоцна Игокеа водеше со 16-7, но МЗТ Скопје предводен од Ајви и од Бурсаќ не дозволи противникот нешто повеќе да се одлепи, па првата четвртина заврши со 26-21. „Металците“ солидно парираа и во вториот дел, пред се благодарение на добрата игра во нападот предводени од Кефи, но во одбраната избраниците на Петровиќ никако не наоѓаа начин да го запрат извонредниот Кендрик Реј. Американскиот плејмејкер погаѓаше секогаш кога МЗТ посериозно ќе се приближеше, а токму со неговата тројка Игокеа стави печат на неверојатното полувреме (постигнувајќи 24 поени) за водство од 56-47.
Аеродромци одлично го стартуваа второто полувеме, отворајќи со серија од седум поени и смалувајќи ја негативата на само два поени (56-54). При овој резултат Јигитоглу не реализираше слободно фрлање, по што домашните кошаркари повторно влегоа во ритам, успевајќи резултатски да се одлепат. МЗТ Скопје повторно одговори на предизвикот, не предавајќи се и спуштајќи го противникот на само 16 поени во третата четвртина, по што по двете положувања на Ајви во последната минута, овој период од мечот заврши со само два поени предност за Игокеа (72-70).
Проблемите настанаа на стартот од четвртата четвртина, кога МЗТ за 100 секунди излезе од бонус, нападот не функционираше, па Игокеа експресно поведе со 81-70. Миќовиќ погоди тројка за први поени на „металците“ во последниот период (81-73), крилниот кошаркар реализираше уште еднаш од далечина, па македонскиот првак уште еднаш покажа дека нема намера да се предаде, со поените на Кефи намалувајќи на 86-81 на пет минути до крајот. Бајиќ побара тајмаут, но серијата на МЗТ продолжи, Миќовиќ погоди и четврта тројка на мечот, по што Јигитоглу реализираше под кошот за израмнување на 86-86 и нов тајмаут на домашниот тренер.
Блесокот на Миќовиќ продолжи со поени по офанзивен скок за 86-88, но Делалиќ погоди во најлош момент за МЗТ, тројка за Игокеа и водство на домашниот состав од 89-88. Кефи промаши уште еден скок шут, по што Делалиќ со нова тројка донесе предност на Игокеа од 92-88, принудувајќи го Александар Петровиќ на тајмаут.
Кефи се претвори во трагичар откако посеријата промашени шутеви направи и фаул во напад, по што Игокеа знаеше како да ја задржи предноста, претвораји ја во триумф изразен со конечни 96-90.
Американецот Кефи имаше 21 поен и осум асистенции, но и седум загубени топки и неколку промашени шутеви во клучните моменти за „металците“. Миќовиќ постигна 18, а Ајви 12 поени за МЗТ Скопје, а двоцифрен беше и Бурсаќ со 11 поени зад своето име.
МЗТ Скопје во следното коло, в сабота со почеток во 16 часот во својата сала ќе го пречека Борац Чачак, директен ривал во борбата за опстанок во АБА1-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА