МЗТ Скопје ја продолжи перфектната серија на домашен терен во АБА2 лигата откако во четвртиот меч во СЦ „Јане Сандански“ аеродромскиот клуб стигнаа и до четвртиот триумф, овојпат над Сплит со резултат 104-87. По нервозното прво полувреме во кое одбраната воопшто не функционираше, „сино-белите“ во вториот дел од мечот успеаја да се одлепат и да стигнат до посакуваната победа што скапо ја платија, со повредата на скочниоот зглоб што ја заработи Иванов.
Гостите од Сплит влегоа во натпреварот без притисок, набрзина завршувајќи ги своите напад и создавајќи им големи проблеми на „металците“. Дури и во ситуација кога главниот центар на Сплит, Американецот Кобинс доби три лични грешки на средина од првата четвртина, хрватскиот клуб продолжи со добра игра, па на половина од вториот период имаше и предност од девет поени (32-41). Со влегувањето на Маслинко домаќините добија енергија во играта, младиот играч погоди тројка, донесе и цврстина во одбраната, па позитивата на гостинскиот состав експресно се стопи, а МЗТ по 20 минути игра дури имаше и три поени предност (51-48), по тројката со звукот на сирената на Вудард.
Пресуден беше стартот на третата четвртина, кога по водството на „сино-белите“ од 53-52 следеше серија од 13-2 со која избраниците на Ѓорѓи Кочов создадоа посериозна предност за првпат на овој натпревар. Сплит се приближи на 71-68, но МЗТ фуриозно ја заврши четвртината и во последните десет минути се влезе со десет поени предност на македонскиот вицешамион.
Младиот сплитски состав немаше сили за уште еден камбек, па МЗТ Скопје заслужено го доби овој натпревар со конечни 104-87, за четврта победа по шест одиграни кола во АБА2 лигата. Во седмата рунда „металците“ ќе се обидат да стигнат до првиот гостински триумф, на мечот што ќе го играат против екипата на Вршац.
Џејмс Вудард и Андриј Бојиќ беа најефикасни со по 18 поени, Андреј Магдевски одигра одлично реализирајќи 13 поени, додека плејмејкерот Медфорд имаше дабл-дабл од 15 поени и 10 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА