МЗТ Скопје поведе со 1-0 во полуфиналната серија против Блокотехна, успевајќи да ја искористи предноста на домашниот терен и да триумфира со резултат 80-74. Мечот ги оправда очекувањата, двете екипи одиграа квалитетно, а на крајот пресуди подолгата клупа што им овозможи на „сино-белите“ да влезат посвежи во завршницата и да стигнат до победата. Човек на одлука беше Марко Симоновски, кој ја одигра својата најдобра партија сезонава реализирајќи дури девет тројки, за вкупно 27 поени. Шутот од далечина беше клучен фактор, откако „металците“ погодија дури 17 тројки (17/34), трасирајќи си го патот кон стартната победа во ова полуфинале.
Бојиќ доби шанса во стартната петорка на МЗТ Скопје и српскиот центар ги постигна првите шест поени за актуелниот првак. Блокотехна добро парираше, имаше и водство од 10-12 пред Дамјан Стојановски со две тројки да донесе пресврт. Првата четвртина донесе израмнета игра, за Дарко Соколов со тројка со звукот на сирената да им донесе предност на аеродромци од 23-17. Тоа само дополнително ги мотивираше гостите од Гевгелија, кои фуриозно го почнаа вториот период, правејќи серија од 11-0. Во МЗТ во вистински момент во ритам влезе Симоновски, кој постигна две брзи тројки за минимално водство од 29-28, а потоа одличниот шутер беше прецизен уште два пати од далечина, па заедно со капитенот Стојановски беше најзаслужен што „сино-белите“ на одмор заминаа со предност од 45-39.
„Металците“ подобро ја отворија и третата четвртина, за водство од 50-41, но потоа при една сомнителна ситуација беше досудена лична грешка на Трајковски, а за приговор и клупата на МЗТ Скопје доби техничка грешка. Гостите дојдоа до 50-46, по што Симоновски ја постигна и својата шеста тројка на мечот. Блокотехна не се предаде, Главчев постигна тројка, потоа реализираше и Мијатовиќ, па при резултат 53-51 домашниот тренер Кочов побара тајмаут. А по минутата одмор следеше нова тројка, седма по ред на Симоновски, која за момент го врати МЗТ во ритам. Стојановски и Трајковски имаа по три лични грешки, а Блокотехна знаеше како да го искористи тоа и со поените на Мијатовиќ на една секунда до крајот на четвртината поведе со 57-58.
Двата тима имаа проблеми со нападот на стартот од последната четвртина, за први да се разбудат домаќините, постигнувајќи тројки преку Синовец и Симоновски. Марјан Илиевски зеде тајмаут на половина од четвртината, а потоа судиите имаа превид недосудувајќи чисти поени за Блокотехна при 65-62, по една задоцнета блокада на Јуре Лалиќ. Една минута подоцна нова тројка реализираше Симоновски, во следниот напад Трајковски беше прецизен под прекршок на Главчев, па Илиевски уште една минута одмор во обид да го запре налетот на МЗТ. Сепак, шампионот знаеше како да ја задржи предноста и на крајот заслужено триумфираше со 80-74.
Марко Симоновски со 27 поени (девет тројки) беше главен играч на МЗТ, Трајковски постигна 17, а Бојиќ 11 поени за актуелниот шампион. Најефикасни во редовите на Блокотехна беа Ѓуроски со 21 и Мијатовиќ со 14 поени.
Вториот меч од серијата меѓу Блокотехна и МЗТ Скопје на програмата е в петок во Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА