МЗТ лесно до нова суперлигашка победа

МЗТ Скопје ја продолжува одбраната на титулата со уште една победа во Супер-лигата, повторно како гостин во салата во Маџари во која актуелниот првак денеска беше гостин на Феникс (73-85). Тимот на Денис Дервишевиќ сосема солидно му се спротивстави на шампионот, но МЗТ покажа искуство и квалитет во клучните моменти и заслужено стигна до победата.

Аеродромци ја добија првата четвртина со 17-23, потоа на одмор заминувајќи со 40-46. Феникс беше подобар во првите пет минути од третата четвртина што овој тим ги доби со 11-2, за момент вртејќи го резултатот во своја полза. Танасковиќ ја прекина серијата на домаќините, по што МЗТ заигра далеку поангажирано и во одбраната, задржувајќи го Феникс на само четири поени до крајот на четвртината, влегувајќи во последните десет минути со водство од 55-60.

„Сино-белите“ не дозволија сметките да им се замрсат во последниот период, рутински контролирајќи го резултатот до конечните „плус 12“.

Смит Мекоувен со 20 поени беше прв стрелец на МЗТ, 16 постигна Танасковиќ, додека стрелците на Феникс ги предводеа Дајсон со 18 и Рахама со 15 поени.

Се вчитува...