МЗТ Скопје му се приклучи на ТФТ како втор полуфиналист на стартот од завршниот турнир од Купот на Македонија во Куманово, во салата во која можеби е реновирана но за жал владеат „ледени услови“ недостојни за едно вакво натпреварување. „Вечното дерби’ мина во фер игра, присуство на две навивачки групи, а на теренот очекуван исход – МЗТ ја оправда фаворитската улога и рутински стигна до триумф над големиот ривал од 100-69.
Работнички успешно парираше само во првата четвртина, „центарци“ имаа и предност од 9-15, но МЗТ сепак го доби овој период од мечот со минималнии 25-24. Тројките на Смит и на Маслинко беа најава за одлиниот втор период на бранителот на трофејот, кој заслужено замина на одмор со двоцифрено водство од 52-41. Аеродромци се премногу квалитетен и искусен тим за да испуштат ваква предност, во третиот период умешно ја задржаа (71-60), за во последните десет минути повторно да издоминираат и на крајот да слават со преубедливи 100-69.
Смит со 17 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ, 14 постигна Мекеден, а двоцифрен беше уште и Бојан Крстевски со 11 поени, како и Петков со 10 поени. Најефикасни во таборот на Работнички беа Ефремовски со 26 и Рикиќ со 18 поени.
Противник на аеродромци во утрешнот полуфинале ќе биде подобриот од дуелот меѓу Маџари и Кожув што е на програмата од 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
















