МЗТ на испит во Бар: За опстанок во АБА1 мора да почне да се победува и надвор од Скопје

МЗТ Скопје денеска во 18 часот гостува во Црна Гора на тимот на Морнар, меч на кој „металците“ се надеваат дека конечно ќе ја забележат првата гостинска победа во АБА-лигата. Триумфот над Цедевита Олимпија минатото коло ја врати надежта за опстанок во елитното друштво во регионот, но на сите во таборот на македонскиот првак им е јасно, за опстанок во АБА1 неопходно ќе биде да почне да се победува и надвор од својата сала.

МЗТ е единствениот тим без гостинска победа во АБА1, а мотив повеќе за избраниците на тренерот Николиќ треба да биде фактот дека во првиот меч сезонава загубија од Морнар со резултат 77-94. Севкупниот скор е поразителен, екипата на МЗТ во историјата одиграла пет средби со тимот од Бар и претрпела сито толку порази, уште една црна серија што аеродромци ќе се обидат вечерва да ја прекинат.

„Во Бар одиме со оптимизам и зголемена саодоверба, но без еуфорија бидејќи не ги забораваме претходните лоши партии, особено на гостински терен. МЗТ е единствен без победа на теренот на некој од противниците и ако сакаме опстанок во АБа ова мора драстично да се промени, секако во наша корист. Очекувам подобра игра на моите кошаркари, кои се надевам дека ќе го задржат квалитетот и нивото на енергија од средбата против Цедевита. Ако го сторат тоа, ќе имаме шанси да се радуваме по пресметката крај Јадранското Море“, изјави Николиќ.

Се вчитува...