Кошаркарите на МЗТ Скопје го стартуваа настапот во АБА2 лигата со две победи на домашен терен, но „металците“ денеска (18 часот) ќе го имаат првиот сериозен испит во регионалното натпреварување, со оглед на фактот дека во Словенија му гостуваат на тимот на Приморска, клуб со најголем буџет во АБА2 (над еден милион евра). И Приморска како и МЗТ влегува во денешниот меч со две победи, а домашниот терен им ја дава улогата на фаворит на Словенците.
Сепак, јасно е дека „сино-белите“ немаат намера предвреме да се откажат, туку ќе се обидат со ангажирана игра да го изненадат домаќинот.
„Исклучително важен меч за двата тима, со оглед на фактот дека и тие исто како нас атакуваат на самиот врв на табелата. Првите две средби покажаа дека почнуваме да функционираме како што треба, иако има уште многу простор за подобрување. Агресивноста мора да остане наш заштитен знак и на овој дуел, не смееме да му дозволиме на противникот да го диктира ритамот“ – изјави Американецот Лестер Медфорд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА