МЗТ настрада во Битола: Прва радост за Пелистер, прв домашен пораз за шампионот

Пелистер славеше со убедливи 81-71 на дерби дуелот со МЗТ Скопје, одмаздувајќи му се на шампионот за последниот пораз во АБА2, воедно и нанесувајќи им го на аеродромци првиот овосезонски порази. „Сино-белите“ настрадаа резултатски, со двоцифрен пораз, но и поради повредата на репрезентативецот Бојан Крстевски, кого најверојатно го очекува пауза од терените по проблемот со скочниот зглоб. Триумфот на „пелистерци“ е апсолутно заслужен откако битолчани го контролираа резултатот од почеток до крај, како најава дека резултатската криза од стартот на сезоната е надмината, а Пелистер со новите засилувања Магдевски и Миовиќ може да победи секого на домашната кошаркарска сцена.

Пелистер влезе максимално мотивирано од самиот почеток, битолчани имаа повеќе енергија на теренот и го презедоа водството од стартот на натпреварот. Проблемите за МЗТ Скопје се зголемија откако Бојан Крстевски го повреди зглобот и мораше да биде заменет уште во првата четвртина, што битолчани го искористија за да се одлепат резултатски и да го завршат овој период од мечот со предност од 20-13. Доминацијата на „пелистерци“ беше уште поголема на стартот од вториот период, кога функционираа и нападот и одбраната на тимот на Дарко Радуловиќ, па со тројката на Бернард „зелено-белите“ дојдоа и до огромни дваесет поени предност во 17. минута од мечот (38-18). МЗТ конечно се разбуди, „металците“ влегоа во серија реализирани напади, успевајќи до крајот на полувремето да ја спуштат разликата на „минус девет“, со поените на Ворку со звукот на сирената (39-30).

Второто полувреме почна со тројка на Костоски за Пелистер, но МЗТ имаше одговор, македонскиот првак го крена нивото во одбрана и успеа дополнително да се приближи, принудувајќи го Радуловиќ на тајмаут откако Ворку положи од контранапад за 46-43. Танасковиќ реализираше два напади во низа и МЗТ дојде на само два поени разлика (58-56), но Пелистер одговори преку Маслино и Бернард, па предноста експресно скокна на 56-46, притоа и Војдан Стојановски ја заработи четвртата лична грешка за аеродромци. Во последните десет минути се влезе со резултат 60-51 со поените на Хот со звукот на сирената, откако МЗТ не го затвори рекетот по промашеното слободно фрлање на Бернард.

Робев ја отвори четвртата четвртина со тројка за МЗТ Скопје, „металците“ намалија на пет разлика, но Пелистер повторно имаше одговор, па по тројката од девет метри на Магдевски се врати на двоцифрена предност, а по положувањето на истиот кошаркар  и водство од 70-58 гостинскиот тренер Атанасов побара тајмаут. Аеродромци не се предадоа, покажаа карактер и преку браќата Стојановски дојдоа на седум поени разлика (73-66), резултат при кој Радуловиќ беше принуден да побара минута одмор за битолскиот тим. Советите вродија со плод, Пелистер заигра подобро во завршницата и заслужено го доби овој натпревар со 81-71.

Бербард беше одличен во победничкиот тим со 21 поен, девет скока и четири асистенции, до 21 поен стигна и репрезентативецот Андреј Маслинко, а двоцифрен беше и Мијовиќ со 13 поени. Најефикасни во таборот на МЗТ Скопје беа Расел со 18, Танасковиќ со 17 и Ворку со 14 постигнати поени.

Се вчитува...