МЗТ Скопје во осмото коло од АБА2 лигата стигна до својата шеста победа, петта на домашен терен откако „металците“ славеа со 84-74 на дуелот со Динамик. Српскиот претставник едно полувреме му парираше на македонскиот вицепрвак, но „сино-белите“ покажаа и квалитет и искуство за да прокнижат нови бодови, за експресна рехабилитација од дерби-поразот од Работнички претрпен пред три дена.
Првата четвртина мина во израмнета битка, во која македонскиот претставник сепак успеа да стигне до предност од 23-17 благодарение на подобрата завршница и поените во самиот финиш на Иванов, кој се врати во тимот по повредата заработена на мечот со Сплит. МЗТ имаше водство од 28-19 во втората четвртина, но малиот пад на концентрацијата беше искористен од страна на гостинските кошаркари, кои пред се благодарение на Вуликиќ се вратија во мечот, намалувајќи на минимални 36-35 на крајот од првото полувреме.
Мечот беше израмнет се до 45-45, кога МЗТ Скопје конечно влезе во својот препознатлив ритам, па „сино-белите“ предводени од Медфорд за нешто поведе од две минути игра направија серија од 10-0 и стигнаа до првата двоцифрена позитива. Предноста беше задржана до крајот на третата четвртина (63-53) по што избраниците на тренерот Кочов рутински ја одржаа позитивата се до конечните 84-74.
Иванов учествуваше со 24 поени во овој триумф на МЗТ, Бојиќ имаше 22 поени, а Дамјан Стојановски го заврши натпреварот со 15 поени.
МЗТ Скопје во деветтото коло го очекува гостување против екипата на Рогашка, која во досегашните осум кола забележа три победи и пет порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА