МЗТ остана без Купот, Работнички е во финалето

Работнички го симна МЗТ Скопје од тронот во Купот на Македонија, совладувајќи ги аеродромци во вечното дерби во второто полуфинале во Гевгелија (93-89), по две продолженија од дополнителни пет минути. Во супердраматична битка „центарци“ водеа речиси цел натпревар, МЗТ направи пресврт во последната четвртина, но на крајот сепак тимот на Марин Докузовски стигна до место во големото финале, каде утре ќе се сретне со Блокотехна.

Чавдар Костов погоди тројка при првиот напад на Работнички, најавувајќи го одличниот старт на „црвено-белите“ во полуфиналето во Гевгелија. Работнички набрзина поведе со 13-3, но Кочов не побара тајмаут, туку ги уфрли во игра Медфорд и Самарџиски. Замените не вродија со преголем плод во првата четвртина, која избраниците на Докузовски ја минаа во целосна доминација и заслужено ја добија со 22-12. „Центарци“ продолжија во ист стил и на почетокот од втората четвртина, кога стигнаа и до најубедливи 17 поени разлика (37-20). МЗТ се разбуди пред крајот на полувремето, влегувајќи во посакуваниот ритам, па со фантастичната тројка на Дамјан Стојановски „сино-белите“ намалија на 37-33, за Мираковски да возврати со иста мерка и на одмор да се замине со водство на Работнички од 40-33.

„Пулените“ на Докузовски ја контролираа играта и во третиот период, разликата се движеше околу десет поени, но актуелниот шампион се соочи со проблем откако Чавдар Костов заработи четврта лична грешка и мораше да биде повлечен од игра. МЗТ Скопје конечно заигра онака како што знае во последната четвртина, откако Магдевски ја презеде улогат на плејмејкер од Медфорд. Македонскиот репрезентативец погоди две тројки во серија, потоа реализираше и две слободни фрлања, за прво водство на МЗТ Скопје на натпреварот (65-66, 35. минута). Костов положи за 67-66 за Работнички, резултат при кој и двата тима не реализираа по неколку напади и со кој се влезе во последните две минути.

Бојиќ умешно реализираше крај Крстевски, изнудувајќи и петта лична грешка од центарот на Работнички, но Стајиќ погоди нова тројка за водство на Работнички од 70-69. Во супердраматична завршница Бојиќ промаши два обиди за тројка при израмнети 70-70, за потоа Дамјан Стојановски да направи фаул врз Караџовски при обид за тројка, на помалку од пет секунди до крајот. Караџовски погоди две од трите слободни фрлања, по што Кочов зеде тајмаут. Акцијата нацртана од тренерот на МЗТ беше маестрално реализирана за помалку од една секунда, па Бојиќ рутински реализираше под обрачот, оставајќи му 3,7 секунди на Работнички за последен напад. Чековски доби топка на зицер, беше очигледно фаулиран, но тројцата судии останаа неми, па мечот беше решен по продолженија.

Судиската неправда само ја засили мотивацијата кај „црвено-белите“, Чековски погоди тројка, а во 42. минута Јанески изнуди неспортска лична грешка од Дамјан Стојановски. Работнички имаше водство од 79-75 на 90 секунди до крајот, но Иванов и Бојиќ реализираа за 79-79 на 27 секунди до крајот. Стајиќ ја преззее одговнороста во последниот напад, но го промаши обидот за тројка, па мораше да се игра и второ продолжение.

Јанески изнуди петта лична грешка од Иванов, но потоа ги промаши двете слободни фрлања. Истиот кошаркар една минута подоцна погоди тројка, повторно се играше „кош за кош“, а во последната минута се влезе со предност на Работничкиод 89-87. МЗТ израмни со положувањето на Медфорд, но на спротивната страна повторно реализираше Јанески, за водство на „центарци“ од 91-89 на 29 секунди до крајот. Медфорд промаши, Стајиќ погоди уште едно слободно фрлање, па Кочов побара последен тајмаут при негатива на неговиот тим од 92-89. Медфорд изработе акција за чист шут за Симоновски, но македонскиот репрезентативец не погоди, па Младеновиќ од линијата за слободни фрлања стави печат на победата изразена со конечни 93-89.

Се вчитува...