Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, се соочува со сериозен проблем во пресрет на утрешниот дуел од АБА2 против Зрињски, на кој „металците“ ќе мораат да се снаоѓаат без помошта на Џејмс Вудард. Американскиот бек, кој беше избран за МВП на првото коло на АБА2, настапи на саботниот дуел против Вардар, по што се пожалил на повреда, па Вудард воопшто нема да патува со тимот за Мостар.
Зрињски неочекувано слабо ја стартуваше сезоната со четири порази во низа во АБА2 лигата, но Кочов предупредува дека станува збор за незгоден ривал.
„Играме против шампионот на БиХ, кој иако има скор 0-4, сепак, е силна екипа со голем број искусни кошаркари во ростерот. Зрињски ги има Бакиќ, Рамњак, Шутало, Тодоровиќ., Соколовиќ, играчи кои зад себе имаат многу вакви мечеви и кои можат да бидат опасни буквално за секој противник. Ние, пак, ќе бидеме ослабени со неиграњето на Американецот Вудард, кој мора да паузира неколку дена. Очекувам ова да биде тежок меч со голема борба и незвеснот. Ќе решаваат ситници. Се надевам дека ќе ги искористиме сите слабости на противникот, како во одбрана така и во нападот и дека ќе дојдеме до победа, која за нас ќе биде од исклучително големо значење. Очекувам од сите мои кошаркари да бидат на ниво на задачата и да преземат што поголема одговорност, особено во одбраната, која мислам дека ќе го реши победникот на овој дуел“, истакнува Кочов.
МЗТ Скопје во моментов е на на третата позиција на табелата со учинок 3-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА