Кошаркарите на МЗТ Скопје прокнижија значајни бодови во битката за второто место во АБА2 лигата откако вечерва на гостински терен го совладаа Сплит со 76-78. „Металците“ имаа многу осцилации во играта, но сепак успеаја да стигнат до цел плен пред се благодарение на одличниот Симоновски и неговите пет постигнати тројки.
Македонскиот претставник се соочи со огромни проблеми во одбраната во првата четвртина. Тренерот Кочов и неговите избраници немаа одговор за акциите на Сплит, домашниот тим постигна 29 поени за 10 минути игра и поведе со 29-22, но потоа ситуацијата на теренот се промени. Пресудни беа првите пет минути од втората четвртина, во која МЗТ Скопје постигна дури 17 поени и го сврте целосно резултатот во своја полза. На одмор се замина со водство на „металците“ од 39-46, но јасно беше дека Сплит нема предвреме да капитулира.
Домашните кошаркари се вратија во третиот период, приближувајќи се на еден поен негатива (52-53), но со тројките на Симоновски и на Вудард во последната минута МЗТ влезе во четвртата четвртина со водство од 52-59. Осцилациите во играта продолжија во последните десет минути, шутот престана да ги служи македонските кошаркари, а Сплит го искористи тоа, направи пресврт ина половина од последната четвртина поведе со 72-68.
Во вистински момент проработе „снајперистот“ Марко Симоновски, кој со две тројки донесе пресврт. Како клучни се покажаа офанзивните скокови во последната минута, откако Иванов, Бојиќ и Вудард сите фатија топки под противничкиот кош. Вудард за малку ќе беше трагичар откако промаши две слободни фрлања на 25 секунди до крајот при резултат 76-78, но Сплит не го искористи својот последен напад и МЗТ Скопје заслужено стигна до победата.
Иванов беше најдобар поединец во таборот на МЗТ со 17 поени, 10 скокови и 7 асистенции, Симоновски погоди пет тројки за вкупно 15 поени, додека Дамјан Стојановски го заврши натпреварот со 14 поени.
Во следното, 18. коло од АБА2 лигата МЗТ Скопје на 30 јануари ќе го пречека тимот на Вршац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА