МЗТ Скопје и Куманово ќе ги одмерат силите во дерби дуелот од петтото коло во кошаркарската Супер-лига (18 часот, СЦ „Јане Сандански“), во дуелот што претставува реприза од ланското финале во плејофот. „Металците“ ги оставија зад себе разочарувачките игри во АБА-лигата и супериорно стартуваа во домашното првенство, бележејќи четири победи во првите четири кола, меѓу нив и онаа последната, на гостински терен во дербито со Карпош соколи. Токму тоа им дава уште поголема самодоверба на аеродромци пред денешниот дуел со Куманово, тим што е со далеку послаб играчки ростер од оној ланскиот со кој се бореше за титулата. Ова воедно ќе биде и прв натпревар за Данило Мијатовиќ против кумановци откако пред неполн месец го напушти овој клуб за да потпише со МЗТ Скопје.
„Се наоѓаме во победничка серија, која донесе психолошка стабилност во екипата, а што, пак, е значаен предуслов за добра игра на вечерашниот дуел против Куманово. Треба да бидеме борбени, агресивни и пред сѐ растрчани бидејќи противникот има свои квалитети кои воопшто не се за потценување, а кои ќе дојдат до израз само ако ние им го допуштиме тоа. Во преден план тука се моторите на екипата, Караџовски и Браун, од кои зависат многу работи во составот на кумановци поради што треба да бидеме максимално внимателни во одбраната. Не смеат да се заборават ниту останатите играчи, пред сe Јаневски, кој може да одигра добро и на надворешните и на внатрешните позиции“ – вели тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор, и дополнува:
„Играме добро, влегуваме во посакуваната форма што се надевам дека е препознаено и од страна од нашите навивачи и следбеници поради што ги повикувам и денеска да дојдат на трибините и да ни помогнат да оствариме уште еден значаен триумф“.
Проблем повеќе за гостите од Куманово ќе биде отсуството од клупата на тренерот Марјан Србиновски, кој ќе ја одлежи суспензијата од еден натпревар поради конфликтот со официјалните лица за време на последниот меч со Фени индустри.
Во истиот термин во салата „Градски парк“ Работнички ќе го пречека тимот на Фени индустри, дуел на две екипи кои се надеваат на пласман на третото или четвртото место и учество во полуфиналето од плејофот. Избраниците на Љупчо Малинков пред самиот крај на првиот дел од шампионатот славеа во „Градски парк“ со 83-86, но Работнички за разлика од тој дуел овојпат ќе биде комплетен, со надеж дека со победа ќе направи уште еден чекор напред во битката за полуфинале.
Карпош соколи ќе се обиде да се рехабилитира од поразот од МЗТ Скопје со триумф на гостувањето против Кожув (19 часот). Освојувачот на Купот на Македонија нема да има нималку лесна задача бидејќи Кожув е тим што игра квалитетна кошарка, а пред петнаесетина дена во неизвесен меч долго време му парираше на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА