МЗТ Скопје прокнижи нови бодови во Супер-лигата откако на домашен терен лесно славеше над Блокотехна со резултат 86-76. „Металците“ знаеја како да го искористат отсуството на Данило Мијатовиќ во таборот на незгодниот противник, па со рутинска игра благодарение на подолгиот ростер стигнаа до заслужени бодови.
Блокотехна одигра одлично само во првата четвртина, во која благодарение на расположениот Младеновиќ имаше и водство од 18-23. МЗТ се разбуди и за една минута во втората четвртина направи серија од 7-0, по што ниту тајмаутот на тренерот Илиевски не го наруши ритамот на домаќините. Бојиќ им создаваше многу проблеми на гостите под обрачите, а само поради одличниот шут од далечина на Фундербурк (две тројки во последната минута од полувремето) тимот од Гевгелија замина на одмор со „минус три“ (43-40).
Американецот Фундербурк на стартот од второто полувреме погоди уште две тројки за израмнување на 46-46, но тоа беше се што Блокотехна успеа да стори, МЗТ подобро ја заврши четвртината и стигна до „плус десет“ (64-54) со поените на Дарко Соколов. „Металците“ умешно ја сочуваа предноста до самиот крај, за заслужена победа и победничка увертира за клучниот натпревар, реванш дуелот со Задар на кој победа ќе значи и враќање во АБА1 лигата.
Дарко Соколов одигра одличен натпревар постигнувајќи 19 поени, Бојиќ оствари дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови, а Магдевски реализираше 15 поени и 7 асистенции за МЗТ Скопје. Кај Блокотехна најзабележителни на денешниот натпревар беа Младеновиќ и Фундербурк со по 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА