МЗТ почна да губи и дома: Гостиварци со супер-игра до заслужен триумф во Аеродром

МЗТ Скопје редеше порази во АБА-лигата, но никој не очекуваше дека аеродромци ќе почнат да губат и во домашното првенство. Токму тоа им се случи на вечерашниот натпревар со Гостивар, на кој „металците“ речиси цел меч бркаа резултатска негатива и на крајот загубија со минимални 79-80. Гостите заслужуваат само пофалби за пристапот и играта, покажаниот карактер, а поените за победа во последната минута ги постигна поранешниот играч на МЗТ Скопје, Андреј Маслинко.

Домашниот тренер Александар Петровиќ изненади со стартната петорка, почнувајќи го мечот без браќата Стојановски, Кафи и без Миќовиќ. Петорката Магдевски, Величковски, Ајви, Крстевски, Јигитоглу делуваше катастрофално на теренот, па гостиварци за само три минути игра поведоа со убедливи 0-11. Во игра мораа експресно да влезат Војдан Стојановски и Миќовиќ, по што во серија влезе Бојан Крстевски, со девет поени во низа намалувајќи на 9-11. МЗТ само за кратко преку Пандев поведе со 17-14, првиот период заврши со минимални 17-16 за шампионот, но вторите 10 минути минаа во знакот на гостите од Гостивар. Маслинко заигра одлично против својот поранешен клуб, а кога во шутерски ритам влезе и Ефремовски, гостите повторно стигнаа до двоцифрена предност, на одмор заминувајќи со убедливи 37-49.

Избраниците на тренерот Малинков го контролираа резултатот во третата четвртина, но МЗТ конечно влезе во ритам во последниот период, успевајќи целосно да се врати во мечот. Кефи за момент донесе предност од 71-70, по што се влезе во неизвесна завршница. Миќовиќ реализираше два напади во низа и донесе водство на МЗТ Скопје од 77-75, принудувајќи го Малинков да побара тајмаут на 104 секунди до крајот на мечот. Пипкинс погоди тројка за гостиварци и ги врати гостите во водство (77-78), Војдан Стојановски положи умешно на спротивната страна, но Маслинко погоди на спротивната страна и Петровиќ мораше да побара тајмаут на 21 секунда до крајот, при водство на Гостивар од 79-80. Советите на вродија со плод, Кафи не го реализираше последниот шут и гостите стигнаа до заслужен триумф.

Корсантија беше најефикасен во таборот на Гостивар со 19 поени и 11 скокови, херојот Маслинко реализираше 18 поени, додека Американецот Пипкинс постигна 17 поени, надополнети со седум скока и осум асистенции. Во таборот на МЗТ Скопје најефикасни беа Крстевски со 15 и Кефи со 14 поени.

Се вчитува...