МЗТ покажа сила и шампионски стил, Пелистер настрада во Аеродром (фотогалерија)

МЗТ Скопје покажа зошто е шампион на Македонија, славејќи на дербито против актуелниот вицепрвак Пелистер со убедливи 82-62. Мечот на водечките екипи на табелата кои воедно и играа финалиња во последните три сезони не донесе неизвесност како што се очекуваше, аеродромци демонстрираа апсолутна надмоќ во однос на гостите од Битола, од самиот почеток натметнувајќи темпо  што „пелистерци“ не можеа да го следат.

Фанатичната одбрана беше рецепт за успех на МЗТ Скопје во првата четвртина, во која аеродромци целосно ги затворија приодите кон сопствениот кош. По почетните 10-0 гостите првите поени ги постигнаа во 6. минута преку Бојиќ, а до крајот на четвртината Пелистер реализираше само уште два пати, шут на Едвардс и положување на Ташовски, по што МЗТ го доби овој дел од мечот со 20-7, со тројката од половина терен што ја погоди Марин Петков.

Пелистер заигра нешто подобро во нападот во остатокот од мечот,  но „сино-белите“ останаа тимот што доминираше на теренот, во ниту еден момент не дозволувајќи им на гостите да се понадеваат на камбек и изненадување. На одмор се замина со убедливи 39-24 за МЗТ Скопје, по што аеродромци продолжија и со целосна контрола во остатокот од натпреварот. Гостите со двете тројки на Дамјан Крстевски пред крајот на третата четвртина намалија на 59-47, но МЗТ експресно се врати во контрола, ја зголеми предноста и на крајот заслужено славеше со убедливи „плус дваесет“.

Магдевски беше одличен со 16 поени, 9 скокови, 5 асистенции и две украдени топки, Едвин реализираше 18, а Маслинко 15 поени за МЗТ Скопје постигнаа Едвин и Маслинко, додека браќата Војдан и Дамјан Стојановски дадоа по седум поени, но имаа значаен придонес во одбраната на аеродромци. Кај Пелистер најефикасни во оваа бледа вечер беа Стајиќ и Антоан со по 14 поени, а двоцифрен беше уште и Бојиќ со 10 постигнати поени.

Се вчитува...