МЗТ пред нова „невозможна мисија“ во Белград, нека биде како во 2014 година (ВИДЕО)

МЗТ Скопје денеска од 18 часот му гостува на Партизан во последниот натпревар од 15. коло во АБА лигата. Белградскиот евролигаш е апсолутен фаворит на денешната средба, но кошаркарите во „сино-бело“ ќе се надеваат дека може да се повтори 27.01.2014 година.

Тоа е единствениот триумф на МЗТ Скопје во главниот град на Србија против „црно-белите“, дуел во кој белграѓани ја имаа фаворитската улога, но Зоран Мартиќ и неговата чета успеаја да најдат решение за Богдан Богдановиќ, Жофри Ловерњ, Миленко Тепиќ…

Лидер на МЗТ Скопје на тој натпревар со 19 поени и 13 скока беше Тодор Гечевски, легендарниот македонски кошаркар нема да биде денеска на теренот во Беглрад, но многу се очекува од играчот кој сега ја пополнува неговата позиција, Срахиња Миќовиќ.

„Пак сме во период на тежок распоред како на почетокот на сезоната кога едно по друго ги одмеривме силите со две еволигашки екипи. Против Партизан играме на негов терен што задачата ја прави уште потешка. На нас е добро да се подготвиме, не само за овој меч туку и за остатокот од сезоната, особено што крај себе ќе имаме нови кошаркари на кои сигурно ќе им треба време да се прилагодат. Ваква средба против силен противник е одлична можност за ваква аклиматизација и прилагодување на новата средина, а играњето против евролигаш само по себе носи дополнителен мотив за сите во тимот. Ова е меч во кој нема што да загубиме, туку да добиеме многу“, вели Миќовиќ.

МЗТ Скопје на теренот во „Соко Штарк“ ќе истрча со нови кошаркари Кеандре Кук и Абдул-Малик Абу кои во „сино-белиот“ ростер доаѓаат како замена за Адем Мекиќ и Самет Јигитоглу.

Се вчитува...