МЗТ Скопје со сериозни амбиции влегува во новата натпреварувачка сезона, откако летово беше создаден силен играчки ростер со кој аеродромци не само што ќе ја бранат двојната круна во мак-баскетот освоена лани, туку и ќе атакува на влез во елитното друштво од АБА-лигата.
Браќата Војдан и Дамјан Стојановски остануваат како лидери на тимот, во меѓувреме беа доведени и македонските репрезентативци Магдевски и Маслинко, но и неколку квалитетни странски засилувања.
„Како и претходните години, сакам да изразам благодарност што и оваа година сум капитен на МЗТ Скопје. Мислам дека имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број на натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на АБА2 лигата. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во АБА1, но мораме да одимечекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото“, изјави капитенот Дамјан Стојановски.
Тренерот Васко Атанасов и во новата сезона ќе го предводи тимот, откако лани стигна до двојна круна на македонската кошаркарска сцена.
„Зад нас е еден добар преоден рок во кој го задржавме костурот на тимот и додадовме играчи кои ќе ни бидат од помош. За мене како тренер беа исполнети сите мои барања за играчкиот кадар. Цел е да се освојат трите трофеи во мак-баскетот, но и да го нападнеме четвртиот, да ги задоволиме сите наши навивачи“, изјави Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА