МЗТ пред потпис со екс-плејмејкер на Гостивар

Американецот Ијасу Ворку би требало да стане првото странско засилување на МЗТ Скопје за новата натпреварувачка сезона, откако „металците“ влегоа во завршна фаза од преговорите со овој квалитетен плејмејкер. Јасно е дека МЗТ ќе нема буџет за скапи странски засилувања од калиброт на Кефи, па управата на клубот во Ворку гледа добро решение за плејмејкерската позиција, пред се поради фактот дека овој играч веќе се има докажано на македонската кошаркарска сцена.

За потсетување, Ворку е поранешен играч на Гостивар, кој го одигра маестрално првиот дел од сезоната 2022/23. Воедно, тој стана првиот странец во историјата на македонската кошарка што остварил трипл-дабл, и тоа токму на дербито со МЗТ Скопје што го заврши со 23 поени, 11 скока и 11 асистенции.

Интересно, МЗТ минатата зима покажа сериозен интерес за овој кошаркар, по што следеше и сериозна реакција од управата на Гостивар, која обвини за „неетичко и неспортско однесување надвор од спортските терени“. За жал, нешто подоцна следеше и тешка повреда на коленото на Американецот, кој поради долгата рехабилитација ја мина ланската сезона без клупски ангажман. Нема сомнеж дека доколку влезе во посакуваниот ритам, Ворку би бил огромно засилување за „металците“, но останува да се види во каква форма ќе биде американскиот плејмејкер по долгата пауза од кошаркарските терени.

Само за потсетување, МЗТ паралелно со преговорите за Ворку разговара и за ангажман на домашни засилувања, при што на врвот на листата со желби се наоѓаат Ефремовски од Гостивар и Петков од Феникс.

Се вчитува...