Македонскиот кошаркарски вицешампион, МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде и против словенечката Рогашка (19.00) да го задржи победничкиот ритам во АБА 2 лигата. Во дуелот од деветтото коло македонскиот тим ќе ја брка втората сезонска победа во гости.
„Рогашка е тим кој игра одлично на домашен терен. Најдобар доказ за тоа е билансот кој го има на средбите одиграни пред домашните гледачи. Играат повеќе варијанти на комбинирана одбрана што дополнително ги прави незгоден противник. Но, и покрај ова ние одиме на победа. Свесни сме дека не чека тешка борба, но се надевам дека во мечот ќе влеземе со правилен пристап и дека тоа ќе ни ја донесе победата“ – вели пред натпреварот тренерот на МЗТ Ѓорѓи Кочов.
МЗТ има вкупен биланс од 6-2 и во натпреварот влегува од втората позиција на табелата и по триумфот над Динамик во претходното коло, додека противникот во пресрет на дуелот е на осмото место и има само три победи наспроти петте порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА