Работнички се наоѓа на чекор до шампионска титула откако како гостин славеше на жешкиот терен во Аеродром со минимални 75-76. МЗТ Скопје имаше пред себе добиен меч, водство од 75-74 и последен напад, но домаќините прокоцкаа златна шанса, па на крајот Гинјард со двете слободни флања на 1,2 секунди до крајот донесе огромна победа за гостите, кои сега имаат можност в петок во „Градски парк“ да ја прослават шампионската титула.
Уште од самиот почеток двете екипи влегуваа во мини-серии, менувајќи се во водство. Чавдар Костов беше незапирлив на стартот, возврати Дамјан Стојановски, а проблем за МЗТ претставуваше прецизниот шут од дачечина на гостинскиот тим. Првата четвртина заврши со резултат 18-21, МЗТ го отвори вториот период со серија од девет поени, но потоа на сцена стапи Робинсон, кој погоди три тројки и го врати Работнички во предност. До крајот на полувремето се играше израмнето на двете страни, за на одмор да се замине со минимална позитива на аеродромци од 37-36, по поените по офанзивен скок на Синовец.
Работнички на самиот почеток од второто полувреме се соочи со проблем откако Ѓорѓи Чековски доби удар со лакотот во носот, па искусниот крилен центар за момент мораше да замине и во соблекувалната. „Црвено-белите“ за момент влегоа во ритам со шутевите од далечина, тројки постигнаа Гинјард и Костов, па Ѓорѓи Кочов беше принуден да земе тајмаут при водство на противникот од 51-56. По минутата одмор Бојан Трајковски влезе во серија и постигна три тројки за две минути игра, па во последните десет минути се влезе со израмнети 62-62.
Одбраните беа на висина на задачата на стартот од последната четвртина, па тренерите се обидоа и со ниски петорки со по само еден висок играч на паркетот (Трајковски кај МЗТ,Чековски кај Работнички). За седум и пол минути игра и двата тима промашија бројни шутеви, па резултатот пред тајмаутот на Докузовски гласеше 69-70. Синовец погоди едно од двете слободни фрлања, но Чавдар Костов погоди тројка и за момент ги замолкна домашните фанови кои приредија фантастична атмосфера во текот на целиот меч.
Кочов побара тајмаут при негатива од три поени, а потоа следеше прекин откако поради кондензација се направија вирови на неколку делови од салата, па минаа десетина минути за теренот да се оспособи за игра. Бојан Трајковски постигна уште една тројка кога беше најначајно, погодувајќи за водство од 75-74 на 25,8 секунди до крајот. Во последната акција Чековски направи прекршок во напад без топка врз Нешовиќ, по што МЗТ Скопје ја имаше победата на дофат. И тогаш се случи нешто неочекувано, Работнички реши да не прави брз фаул, домаќините се збунија, па Стојановски во обид да го проигра Синовец ја фрли топката во аут. Работнички доби уште една шанса, со 6,4 секунди на семафорот.
На 1,2 секунди до крајот беше направен фаул над Гинјард, Американецот ги реализираше двете слободни фрлања, за победа на Работнички од 75-76 и водство од 2-0 во оваа финална серија.
Робинсон со 22 поени и седум асистенции беше главен играч на победничкиот тим, Костов постигна 18 а Гинјард 11 поени. Кај МЗТ Скопје најдобри поединци беа Трајковски со 20 и Стојановски со 14 поени.
Третиот натпревар од оваа финална серија на програмата е в петок, повторно со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА