МЗТ против Борац ја затвора 2018 во АБА 2

Македонскиот кошаркарски вицепрвак, МЗТ Скопје Аеродром на гостувањето против Борац во натпреварот од 13.коло ќе се обиде победнички да ја заокружи 2018 година во АБА 2 лигата. Нашиот тим е во одлична резултатска серија од три последовни победи и има шест успеси на последните седум дуели што е добра позиција пред гостувањето на кое со триумф би можел да се зацврсти на втората позиција од кој ќе влезе во новата година.

„Не чека натпревар против исклучително квалитетен и пред се искусен противник кој игра одлично во последно време. За разлика од првиот меч во Скопје, Борац сега може да смета и на Никола Кочовиќ кој им дава одлична енергија како во нападот така и во одбраната. Свесни сме дека гостуваме во град кој живее за кошарката и дека салата ќе биде исполнета. Иако сме со скратен ростер верувам во моите играчи и уверен сум дека ќе најдат сили и мотивација да го дадат максимумот кој би ни донел  значајна победа на ова тешко гостување“ – вели во пресрет на дуелот, тренерто на МЗТ, Ѓорѓи Кочов.

На првиот дуел сезонава, МЗТ во Скопје забележа убедлива победа од 82-57. Борац е во многу поинаква ситуација од МЗТ, има два последовни порази и со биланс од 5/7 е на осмата позиција на табелата.

„Нема да биде лесно во Чачак бидејќи против нас имаме мотивиран ривал кој сигурно ќе стори се за да додје до бодовите. На нас е да дадеме се од себе и да ја продолжиме победничката серија“ –  смета Лестер Медфорд.

МЗТ Скопје Аеродром новата 2019 година ќе ја отвори веќе на 3. јануари со дуелот на домашен терен против лидерот на табелата Приморска.

 

 

 

Се вчитува...