МЗТ Скопје е првиот македонски претставник кој излегува на мегдан во АБА2 лигата, на домашниот меч што актуелниот македонски шампион во 18 часот ќе го игра против црногорскиот прволигаш Теодо од Тиват.
Македонија повторно ќе има три екипи во ова натпреварување (МЗТ, Пелистер и Работнички), а новост од сезонава е враќањето на системот дома-гости во групни фази, наместо досегашните балон-турнири кои се играа четири пати по сезона во регуларниот дел. МЗТ првиот меч од новата сезона ќе го има на домашен терен, „металците“ летово составија квалитетен тим и не кријат дека амбиција им е враќање во елитното друштво.
Првите мечеви знаат да бидат непријатни за фаворитите, но „металците“ се решени да одиграат квалитетно и да ја оправдаат фаворитската улога против гостинот од Црна Гора.
„Против себе ќе имаме цврста екипа која игра балканска кошаарка на која сме навикнати. Тие се физички подготвени, го задржаа костурот од ланската сезона. Екипата е подготвена, доста време се подготвувавме за овој меч и верувам дека ако одиграме како што знаеме и ќе се радуваме на крајот“, истакна тренерот Васко Атанасов.
„Во првите средби секогаш мора да се влезе со доза на внимателност, но верувам дека ние сме подготвени. Се ќе зависи од нас, клучно ќе биде да одиграме цврсто во одбраната, ако го одработиме тој дел верувам дека ќе имаме големи шанси да го добиеме натпреварот“, додаде капитенот Дамјан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА