Кошаркарскиот вицепрвак на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром, влегува во нова балканска епизода, но малку поинаква од претходните шест сезони. Тимот од „Јане Сандански“, сезонава ќе се натпреварува во АБА 2 лигата. Деби настапот во втората регионална конкуренција, МЗТ го отвора против словенечкиот Хелиос на домашен терен (19 часот).
„Немаме многу информации за противникот. Сепак мислам дека ќе го имаат истиот стил на игра со оглед дека го имаат истиот тренер. Станува збор за силна екипа, тежок противник кој има агресивна одбрана. Но, мислам дека најважно ќе биде како ќе одиграме ние. Исходот на овој меч ќе зависи од нас. Нашата игра ќе биде клучна за тоа дали ќе победиме. Сметам дека можеме да ја отвориме сезоната со успех. Иако морам да потенцирам, важно е како ќе почнеш, но најважно е како ќе завршиш“ – вели во пресрет на натпреварот, тренерот на МЗТ скопје, Ѓорѓи Кочов.
Предводникот на МЗТ пред почетокот на сезоната потенцираше дека АБА 2 лигата има сериозен квалитет и екипи кои можат да бидат конкурентни и во главното регионално натпреварување.
„Мора да имаме добра одбрана и да бидеме максимално пожртвувани на теренот. Тоа ќе биде клучно ако сакаме да победиме. Да почнеме со победа, па потоа да се фокусираме на следните предизвици и на противниците за кои верувам ќе имаме повеќе информации“ – истакнува капитенот Дамјан Стојановски.
Во АБА 2 лигата битка за првото место на табелата кое овозможува влез во АБА сезонава ќе водат 12 екипи од регионот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА