МЗТ Скопје конечно се активираше на пазарот откако денеска беше официјализиран трансферот на првото засилување за клучниот дел од сезоната. Станува збор за босанскиот репрезентативец Харис Делалиќ, 29-годишен кошаркар кој би требало да биде значително засилување за крилната позиција во таборот на „штрковите“.
ЕКИПА го најави трансферот на овој кошаркар уште кон крајот на декември, преговорите се одолговлекоа, но на крајот беше постигнат целосен договор за Делалиќ да потпише со МЗТ до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Тој доаѓа од таборот на Игокеа, каде што изминативе две сезони настапуваше во АБА-лигата. Кариерата ја почна во екипата на Босна, а има играно уште за екипите на Челик Зеница, Слобода Тузла, како и на белгиските прволигаши Шарлоа и Лувен.
Делалиќ веќе е пристигнат во Скопје и вечерва ќе ги бодри новите соиграчи од трибините на вечното дерби против Работнички (19 часот), додека од утре ќе му се стави на располагање на тренерот Васко Атанасов. Неговото деби во сино-белиот дрес се очекува на претстојниот турнир од АБА2, кој ќе се одржи во Нови Сад во периодот помеѓу 29 јануари и 4 февруари, каде што македонскиот првакќе се сретне со Шенчур, Шибенка и со Војводина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА