МЗТ Скопје во четвртото коло стигна до третата победа во АБА2 лигата, откако на домашен терен го совлада Ловќен со резултат 100-90. Очекувањата беа „металците“ полесно да стигнат до триумф на овој меч, но гостите предводени од Алекса Николиќ се покажаа како незгоден ривал, па нивниот отпор беше скршен дури во продолжението од пет минути, откако МЗТ се врати од „минус четири“ во самиот финиш од натпреварот.
Од самиот почеток стана очигледно дека Црногорците не пристигнале во Скопје со „бело знаме“, со прецизна игра во нападот им создаваа огромни главоболки на „металците“. Во преден план беше Алекса Николиќ, кој во првите десет минути постигна 12 поени, а првото полувреме го заврши со 20 поени, при што на одмор се замина со минимална предност на Ловќен од 43-45.
Љубомир Младеновски беше клучен играч во таборот на МЗТ во оваа фаза од натпреварот, за во третата четвртина повторно да се проследи израмнета игра, со мини-серии на двете страни. МЗТ имаше минимално водство се до неспортската лична грешка на Вудард, по која Ловќен повторно поведе, за во 28. минута резултатот да гласи 57-64. Бојиќ ги постигна единствените поени до крајот на четвртината за 59-64, за потоа македонскиот состав на самиот почеток од последниот период да го сврти резултатот во своја полза.
На половина од четвртата четвртина МЗТ Скопје имаше пет поени предност (73-68), но во наредните четири минути „металците“ не постигнаа ниту еден единствен поен, па гостите со серија од девет поени го свртеа резултатот во своја полза (73-77) принудувајќи го Кочов на тајмаут на 107 секунди до крајот. За само 40 секунди МЗТ стигна до израмнување преку Медфорд и Вудард, па дојде ред на тренерот на Ловќен да побара тајмаут, на една минута до крајот при израмнети 77-77. До крајот прецизен беше Алекса Поповиќ, Иванов израмни по офанзивен скок за МЗТ, за Поповиќ да го промаши шутот за победа, по што мечот беше решен во продолжение.
Американецот Медфорд ја презеде одговорноста, постигнувајќи ги првите шест поени за МЗТ во продолжението, а при водство на македонскиот вицепрвак од 89-82 гостите побараа тајмаут на три минути до крајот. Крај на надежите на Ловќен стави Симоновски со тројка за предност на МЗТ од 93-85, за „сино-белите“ по огромна битка да го добијат овој меч со конечни 100-90.
Медфорд со 24 поени беше прв стрелец на МЗТ Скопје, Вудард постигна 17, а Младеновски го заврши натпреварот со 14 поени и шест скокови. Алекса Поповиќ беше прв стрелец на Ловќен и воопшто на натпреварот со 33 постигнати поени.
Во рамките од петтото коло МЗТ Скопје ќе гостува во Мостар на тимот на Зрињски, актуелен првак на БиХ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА