МЗТ Скопје во второто коло од Супер-лигата ја забележа и втората победа, овојпат на гостински терен против Кожув со резултат 71-77. Кошаркарите на Кожув уште еднаш покажаа дека се незгоден ривал, откако во првите петнаесет минути доминираа во дуелите против шампионот. Сепак, „металците“ се разбудија во вистински момент, до крајот на полувремето ја надополнија негативата, а во второто полувреме ја презедоа контролата над резултатот и на крајот заслужено стигнаа до бодовите.
Во почетните пет минути се водеше израмнета битка, а потоа по водството на МЗТ Скопје од 10-11 домаќините постигнаа осум поени во низа, кревајќи ја атмосферата во салата во Гевгелија. Лалиќ погоди неколку шутеви и за момент ја консолидираше играта во напад на шампионот, но Кожув сепак ја заврши стартната четвртина со солидна предност од 25-17. Неполна минута од вториот период беше доволна за Ивица Димчевски со четири поени во низа да донесе најубедливи 29-17 за тимот од Гевгелија. Кожув ја одржуваше двоцифрената предност до половина од втората четвртина (37-27), кога МЗТ Скопје заигра поцврсто во одбраната, им дозволи на домаќините само четири поени во преостанатите пет минути и на одмор се замина со само три поени позитива за домашниот тим (41-38).
Гостите од Скопје конечно заличија на шампионски тим во третата четвртина, кога добија на сигурност во нападот. Клучна беше промената во играта, со тоа што надворешните кошаркари на МЗТ (Тејмс, Клоф и Дреновац) многу почесто влегуваа внатре во рекетот, реализирајќи ги нападите на својот тим. Кожув немаше одговор за ваквата игра на „металците“, Димчевски со две тројки го одржуваше домашниот тим во игра, па во последните десет минути се влезе со резултат 55-60.
Дреновац ги презеде работите во свои раце и ја одржуваше предноста на МЗТ Скопје, иако домаќините исто така одиграа квалитетно, па не дозволија шампионот да се одлепи. Кожув пропушти шанса целосно да се врати во мечот откако при резултат 67-73 не искористи неколку напади, по што Тејмс со прецизен удар за тројка ги разреши дилемите околу победникот на овој натпревар, кој заврши со 71-77.
Лалиќ и Тејмс беа најефикасни со по 20 поени, додека Дреновац постигна 19 поени за „металците“, додека најдобри стрелци на Кожув на вечерашниот натпревар беа Мекнил со 19 и Ѓурасовиќ со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА