Сезоната во кошаркарскиот шампионат продолжува викендов, дел од клубовите веќе направија одредени рокади во играчкиот кадар, а се очекува во следниот период таков чекор да повлече и МЗТ Скопје. Актуелниот првак има силна бековска линија, но аеродромци веруваат дека за одбрана на двојната круна им е неопходно засилување за борбата под обрачите, поради што веќе почнале потрага по нов центар, кој би им помогнал на Крстевски и на Танасковиќ во клучниот дел од сезоната.
Од страна на тренерот Атанасов и клупската управа биле разгледувани неколку опции, а на врвот на листата со желби во моментов се наоѓа еден американски кошаркар. Станува збор за Мајлс Картер, 26-годишен кошаркар висок 206 сантиметри кој ги освоил симпатиите на „металците“, па преговорите со неговиот агент се веќе во тек.
Картер сезонава ја почна во унгарскиот шампионат како член на Егис, каде во просек постигнуваше по 8,5 поени и 5,3 скокови по натпревар. Американецот претходно има настапувано и за Бриндизи во Италија, за Керавнос во кипарскиот шампионат, па останува да се види дали Македонија ќе биде следна дестинација во неговата кариера.
МЗТ Скопје во првото коло од продолжението на сезоната в сабота ќе се сретне со Пелистер во репризата од финалето на ланскиот плејоф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА