МЗТ Скопје доби интересна понуда да биде дел од силен кошаркарски турнир што во текот на летото ќе се одржи во далечната Кина. Актуелниот првак на Македонија обелодени дека добил официјална покана за 20-дневна турнеја во далечната Кина, каде што сите трошоци (пат и сместување) би била платени од организаторот.
Иницијативата доаѓа од кошаркарската федерација на кинеската провинција Џиангсу, која ги кани „металците“ на меѓународниот турнир „Четири нации“, на кој покрај сино-белите ќе настапат уште репрезентацијата на Порторико, силна универзитетска селекција од САД како и најдобрите четири екипи од првенството на Кина. Според предложеното, МЗТ Скопје Аеродром би одигра 8-12 натпревари во терминот помеѓу 20 септември и 10 октомври.
Иако понудата е интересна, истата најверојатно нема да биде прифатена поради совпаѓање на календарот за почеток на АБА-лигата (1 октомври), но и самата покана за искажување на клупскиот квалитет кај азискиот џин е признание само по себе за шесткратниот шампион на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА