МЗТ Скопје добива покана за АБА1!

Големи се шансите македонскиот првак МЗТ Скопје да влезе во елитното друштво од АБА-лигата откако раководството на „сино-белите“ било исконтактирано од страна на челниците на регионалното натпреварување. МЗТ извиси при проширувањето на лигата како третопласиран тим во АБА2, но со последниот развој на настаните за „металците“ би се отворило место со се поизвесниот распад на словенечкиот клуб Приморска.

„Во текот на вчерашниот ден бев исконтактиран од страна на спортскиот директор на лигата, од кого бев прашан дали сме подготвени да играме АБА1. Ситуацијата е таква што Приморска се наоѓа пред банкрот, овој клуб должи околу 1,5 милиони евра од минатата сезона, а пропаднале и преговорите со богат спонзор од странсство што требаше да го спаси словенечкиот клуб. Нашиот одговор беше дека секако сме подготвени за повторно да бидеме дел од елитното друштво. Ни останува само да го дочекаме расплетот на ситуацијата, се надевам дека наскоро ќе може да се официјализира ваквата разврска. Според мене полесно е да се обезбеди опстанок во АБА1 отколку да се влезе од АБА2 во елитното друштво“, открива директорот на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров за ЕКИПА.

Словенечкиот тим во текот на ланската сезона доживеа финансиски колапси  го напушти речиси целиот играчки кадар, а егзодусот продолжи и во изминатата седмица, кога Хоџиќ и Димец решија да си заминат и да му се приклучат на тренерот Големац во Цедевита Олимпија. Според медиумите во оваа земја, минимални се шансите дека би се нашол спонзор подготвен да го покрие огромниот долг од ланската сезона, кој потоа би требал да инвестира сериозни пари и во буџетот за новата сезона во која тимот би се натпреварувал во АБА-1.

МЗТ ќе ја почека конечната одлука на АБА-лигата пред да донесе одлука околу засилувањата на играчкиот кадар.

„Она што можам да го кажам во моментов е дека сме во завршна фаза од разговорите со Ѓорѓи Кочов, за овој тренер да го води тимот и во наредната сезона. Потоа тренерот ќе си ги избира кошаркарите, но најважно сепак ќе биде дали ќе играме во АБА1 или во АБА2, од тоа во голема мера ќе зависи за какви засилувања ќе се решиме. Ако останеме во АБА2, во првиот тим би вклучиле неколку кошаркари од младинскиот состав, но засега не можеме да кажеме ништо поконкретно, додека не знаеме каде ќе се натпреваруваме. Едно е сигурно, финансиски сме многу постабилни отколку минатата сезона, сега не само што не сме во „минус“, туку сме останати со пари на сметка. Верувам дека ако успееме да го наплатиме целиот ваучер ќе имаме респектабилен буџет со кој ќе создадеме добра екипа“, оптимист е Грнчаров.

Се вчитува...