МЗТ Скопје до крајот на оваа сезона би можел да добие странски сопственици откако турски инвеститори покажале сериозен интерес за да застанат на чело на актуелниот македонски вицешампион. ЕКИПА дознава дека преговорите се веќе стартувани, а и кај двете страни постои желбата истите што поскоро да бидат финиширани.
Клучна фигура во преговорите е Атила Емрулах, познат турски кошаркарски менаџер кој важи и за близок соработник на супер-агентот Мишко Ражњатовиќ. Интересот се однесува на 51% од вкупните акции во клубот, со што доколку сите детали бидат договорени турските газди би добиле можност да управуваат со актуелниот вицешампион на Македонија. Јавна тајна во кошаркарските кругови е дека „металците“ сезонава се соочуваат со финансиски проблеми, кои дефинитивно би биле разрешени доколку овие преговорите бидат завршени успешно.
Тоа би значело и зголемување на буџетот и создавање на посилен тим, уште повеќе доколку се оствари големата желба тимот експресно да се врати во АБА-лигата. МЗТ Скопје со синоќешната победа во Црна Гора се зацврсти на второто место на табелата, па преку разигрувањето во АБА2 ќе се обиде да се врати онаму каде што припаѓа, во елитното друштво од регионалното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА