МЗТ Скопје успешно комплетираше уште два трансфери, доведувајќи ги во своите редови американските кошаркари Даниел Џенсен (23 год, 206 см) и Брет Бејли (23 год, 200 см), откако пред десетина дена од САД пристигна и плејмејкерот Ерик Гарсија.
Џенсен, кој игра на позицијата крилен центар, веќе има европско искуство со оглед што минатата сезона настапуваше за белгискиот прволигаш Лимбург јунајтед. Станува збор за силен кошаркар со одличен шут од далечина и со секоја трета погодена тројка во текот на целата своја кариера. Претходно, четири години настапувал за Огустана колеџот во НЦАА-лигата каде што во последната година просечно реализирал 20,1 поен заедно со 6,3 скока.
Бејли, пак, игра на позицијата ниско крило и за него ова ќе биде прво кошаркарско искуство надвор од САД. Зад себе има четиригодишен престој во НЦАА-лигата во дресот на Универзитетот Сан Диего каде што минатата сезона имал просек од 15,6 поени и 6,9 скока. Шутот за тројка е најсилно оружје и во играта на Бејли со оглед што погодува со 34,7-отсто, но се одликува и со одлична брзина и атлетизам.
Џенсен и Бејли се очекува на почетокот од следната недела да му се приклучат на сонародникот Ерик Гарсија на подготовките на МЗТ Скопје Аеродром, што значи дека ќе го минат целиот тренажен процес со цел што е можно поподготвени да ја дочекаат новата сезона. Нови членови односно повратници во сино-белиот дрес летово се Дамјан Стојановски и Бобан Стајиќ, потпис на договорот со „металците“ стави и Бојан Трајковски како и младите и талентирани Михајло Митев, Ранко Мамузиќ и Андреј Маслинко додека од минатата сезона останаа Адем Мекиќ и Марко Симоновски.
Тренерот Тодоров првиот официјален тренинг го закажа за во вторник (22 август) во големата сала од спортскиот центар „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА