Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се мачеа во пресметката против Гостивар во 6. коло од Првата македонска кошаркарска лига, но успеаја да слават на крај по продолжение со 96-90.
Далеку потешко од очекувањата „металците“ дојдоа до триумфот благодарение на играта во продолжението кое го добија со 11-5 за четврта победа сезонава, наспроти и два порази.
Претходно, по регуларните четири четвртини мечот заврши 85-85 и тоа поради неверојатно драматичната завршница во која Гостивар се избори за продолжение благодарение на тројката во последната секунда на Хавиер Родес.
МЗТ најпрво, на шест секунди до крајот, со слободните фрлања на Баковиќ дојде до предност од 85-82. Но, Хавиер Родес ја зеде топката од својата половина, успеа и да се лизне, но се исправи и со шут буквално во последната секунда погоди тројка за 85-85. Но, во продолжението гостиварци не успеаја да го изненадат целосно МЗТ Скопје Аеродром.
Кошаркарите од Скопје сега се израмнија на четвртото место на табелата со Работнички, со четири победи.
Најдобар во победничкиот тим беше Копривица со 22 поени и девет скока, а со 20 поени, осум асистенции и седум скока заврши Слај. Кај Гостивар, Митевски беше најефикасен со 27 поени, а Родес заврши со 24 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА