МЗТ Скопје е „друга планета“ за Феникс

МЗТ Скопје има предност од 2-0 во четвртфиналната серија против Феникс откако аеродромци лесно ја оправдаа фаворитската улога и на вториот дуел, триумфирајќи со убедливи 87-55. „Сино-белите“ покажаа апсолутна доминација, демонстрирајќи дека се далеку подобар ривал од Феникс, воедно и покажувајќи зошто аеродромци и сезонава важат за големи фаворити за шампионскиот трофеј.

Избраниците на тренерот Атанасов ја добија првата четвртина со 22-17, а во вториот период славеа со 20-15, на одмор заминувајќи со „плус 10“ (42-32). Најимпресивно МЗТ делуваше во третата четвртина што актуелниот првак ја доби со преубедливи 33-11, период што со тројка го отвори Војдан Стојановски, а потоа блескаше Андоновски. Победникот беше решен, па тренерите им дадоа поголема минутажа на дел од резервните кошаркари во последниот период, МЗТ рутински го исконтролира резултатот и на крајот славеше со убедливи „плус  32“.

Андреј Андоновски со 15 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје, 12 поени реализираше Едвин, а со по 10 поени мечот го завршија Магдевски и Дамјан Стојановски. Бертранд со 15 поени беше најдобар стрелец кај Феникс, а двоцифрен ефект имаа уште и Митревски и Тимоти со по 11 поени.

Се вчитува...