МЗТ Скопје е првиот полуфиналист во кошаркарскиот плејоф на Македонија откако актуелниот шампион рутински ја доби четвртфиналната серија против Феникс со максимални 3-0. По двата меча на кои номинално важеше за домаќин, МЗТ славеше и на денешниот трет дуел, овојпат како „гостин“ во својата сала „Јане Сандански“, со убедливи 62-84.
„Сино-белите“ покажаа апсолутна надмоќ од самиот почеток на натпреварот, прашањето на победникот практично решавајќи го во првите 20 минути во кои поведоа со огромни 20 поени предност (28-48). Победата беше осигурана, па тренерот Атанасов им даде поголема минутажа на дел од резервните кошаркари кои немаа премногу шанси за докажување сезонава. Тоа воопшто не се одрази над резултатот, аеродромци лесно ја контролираа убедливата позитива и на крајот заслужено славеа со „плус 22“.
Сите единаесет кошаркари во ростерот на МЗТ се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Копривица со 16 и Крстевски со 14 поени. На спротивната страна, Шепард со 17 и Бертранд со 16 поени беа први стрелци на Феникс во последниот овосезонски меч за тимот предводен од тренерот Дервишевиќ.
Противник на МЗТ во полуфиналето ќе биде подобриот од серијата Куманово – Кожув, каде кумановци имаат предност од 2-0 во победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

