МЗТ Скопје го „боцна“ Работнички и ги покани неговите фанови да дојдат на утрешното дерби

Актуелниот македонски кошаркарски првак, МЗТ Скопје Аеродром најави дека ќе ги искористи сите клупски потенцијали за беспрекорна  организација на дерби – натпреварот против лутиот ривал Работнички. „Металците“ го ’боцнаа’ противникот со соопштение во кое ги повикаа противничките навивачи да бидат дел од натпреварот и оти билетите и за нив ќе бидат во слободна продажба.

Би сакале да ја информираме јавноста дека се привршуваат сите детали околу организација на утрешната пресметка против Работнички, со цел вечното дерби да мине во фер и спортска атмосфера, односно да биде тоа што и го заслужува – вистински празник на кошарката.

Се прецизира секој најситен сегмент, за да не ни се случат работи какви видовме на двете последни пресметки во кои противникот беше домаќин, каде што прво поради немањето доволен број редари игравме во два дена, а потоа моравме да се селиме во Гостивар и да одиграме пред празни трибини. Наша желба е ова да биде натпревар во кој освен навивачите би уживале и цели семејства без да се грижат за својот комодитет и безбедност. Задкулисните игри, како во случајот со „расипаниот семафор“, редарите и инаетењето со МТВ му ги оставаме на Работнички, а нашите сили ги насочуваме кон организација на спектакл во кој би уживале сите што ја сакаат кошарката во Македонија.

Ова го потврдивме и со прифаќањето да се игра од 17.45 часот само за да има телевизиски пренос, бидејќи тоа беше единствениот термин во кој МТВ можеше да ги вклучи камерите. За ова сме и критикувани од нашите фановисо оглед што многумина од нив нема да можат да дојдат на време поради работни и училишни обврски. Но, понекогаш големата слика е поважна од клупскиот интерес, нешто што би сакале да го сфати и нашиот ценет противник од „Градски парк“.

Затоа, јавно ги повикуваме навивачите на Работнички утре слободно да дојдат во „Јане Сандански“ и да го проследат вечното дерби. Ограничувања нема да има, ниту пак некој ќе биде спречен да влезе во салата само затоа што го симпатизира нашиот противник. Билетите се во слободна продажба, секој може да си купи колку сака, повторно за разлика од начинот на кој се (про)даваат влезниците за нашите дуели на теренот на противникот.

Искрено се надеваме дека челниците на црвено-белите од Центар сето ова ќе го прифатат како своевиден репер како треба да изгледаат средбите на двата тима и ќе го применат на мечевите на кои ќе бидат организатори. Се надеваме дека првата прилика за тоа ќе ја имаат веќе во меѓусебната финална битка за титулатабез разлика што пред двата тима се напорни полуфинални плејоф-серии.

А, токму тие пресметки за шампионскиот пехар ќе бидат одлична можност јавноста на дело да види дека задкулисните игри и инаетењето поради ситни интереси се веќе зад Работнички и дека овој клуб го прифатил нашиот пример за организација на меѓусебни пресметки, во кои во преден план ќе биде македонската кошарка, а не егото на поединци.

Се вчитува...