МЗТ Скопје како актуелен бранител на трофејот влегува во финалната серија против Пелистер, што почнува со денешниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот. Ова всушност претставува реприза на ланското финале што МЗТ го доби со 3-1, успех што аеродромци ќе се обидат да го повторат и сезонава, за освојување на јубилејната десетта шампионска титула.
Тренерот Васко Атанасов е свесен дека неговиот тим ја има фаворитската улога, но и фактот дека тоа мора да биде оправдано на терен. Добра вест за „металците“ е што во тимот би требало да се врати Миќовиќ, кој поради повреда извесен период беше надвор од терените.
„Секогаш е чест да се игра во финалето, кое треба да биде кулминација на сѐ што е направено досега сезонава. Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме. Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме. Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“- вели Атанасов пред почетокот на финалето.
По промените од страна на федерацијата, финалето од сезонава ќе се игра со формат 2-2-1, вториот меч на програмата е в среда исто така во СЦ „Јане Сандански“, по што наредниот викенд екипите се селат на мегдан во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

