МЗТ Скопје го преслуша Пелистер за прва радост во АБА2

МЗТ Скопје стигна до првата овосезонска победа во АБА2 лигата откако аеродромци славеа во македонската преметка над составот на Пелистер со резултат 78-91. „Металците“ одиграа одличен офанзивен меч, максимално ги користеа слабостите во таборот на битолчани и на крајот заслужено стигнаа до победата. Вообичаено, Војдан Стојановски ги влечеше конците и беше предводник во тримфот на „сино-белите“, но значаен придонес од клупата, пред се во играта во одбрана дадоа и младите Андоноски и Петков, кои ја оправдаа довербата на тренерот Атанасов.

Дуелот почна со грешки во нападот на двете страни, а први се разбудија кошаркарите на Пелистер, кои со серија прецизни удари од далечина поведоа најпрвин со четири (17-13), а потоа и со пет поени разлика (20-15). МЗТ исто така го консолидираше нападот, па првата четвртина заврши со водство на битолчани од 25-22. Лука Стојановски погоди тројка на почетокот од втората четвртина за 28-25 за Пелистер, по што МЗТ влезе во извонредна серија, правејќи извонреден пресврт и стигнувајќи и до двоцифрено водство (28-39). Стојановски со нова тројка ја прекина серијата на МЗТ, тој и Бернард беа единствените расположени за игра кај Пелистер во првото полувреме, па скопскиот клуб заслужено замина на одмор со водство од 40-45.

Шутерското шоу на Лука Стојановски продолжи на стартот од третиот период, погаѓајќи ја и петтата тројка на мечот за израмнување од 47-47. Во вистински момент за МЗТ во ритам влегоа Дамјан и Војдан Стојановски, па со прецизни удари од далечина „металците“ поведоа со 54-62. Маестралната четвртина на Војдан продолжи со трета тројка во низа, со која МЗТ дојде до ново двоцифрено водство (56-67), принудувајќи го тренерот Радуловиќ да побара нов тајмаут. Битолчани успеаја да ја консолидираат одбраната, заиграа нешто подобро до крајот на четвртината, па во последните десет минути влегоа со негатива од шест поени (63-69).

Нападот на МЗТ Скопје функционираше беспрекорно во последната четвртина, во која аеродромци повторно дојдоа до двоцифрена предност (72-85), откако на серијата поени на Расел се надоврза Војдан Стојановски со нова тројка. Радуловиќ пак побара тајмаут, но случувањата на теренот не се променија и македонскиот шампион заслужено славеше со конечни 78-91.

Војдан Стојановски беше предводник на МЗТ со 20 поени и само три промашувања од поле, а Дамјан Стојановски и Танасковиќ придонесоа со по 16 поени за овој голем триумф на „металците“. Во таборот на Пелистер прв стрелец беше Лука Стојановски со 22, пред Маслинко и Бернард со по 20 поени, а далеку под своите можности одигра искусниот плејмејкерот Александар Костоски, завршувајќи го мечот без поени, со четири асистенции и пет загубени топки.

Ова воедно беше и последен меч од АБА2 турнирот во Суботица. Следен предизвик во регионалното натпреварување ќе биде турнирот во Златибор закажан за следниот месец, во првото коло од тој турнир МЗТ ќе се сретне со Домжале, додека Пелистер за противник ќе ја има Војводина.

Се вчитува...