Освојувачот на двојната титула минатата сезона во мак-баскетот МЗТ Скопје Аеродром и финалистот во купот Феникс денеска ќе се борат за првиот трофеј сезонава во Суперкупот на Македонија.
МЗТ Скопје и сезонава ќе атакува на сите трофеи на домашната сцена…
„МЗТ Скопје Аеродром, нормално, ја прифаќа фаворитската улога. И секако ќе даде се да дојде до трофејот, кој ќе ни биде дополнителен мотив за остварување на целта во останатите натпреварувања што не очекуваат. Суперкупот е специфичен натпревар, кој доаѓа непосредно пред официјалниот старт на сезоната и кој не секогаш го дава реалниот однос на силите помеѓу ривалите. Поради ова и е толку интересен, а секако и многу важен“, смета тренерот на „металците“ Васко Атанасов.
По испишувањето на историја минатата сезона и пласманот во финалето на Купот, Феникс има уште поголеми амбиции пресрет новата сезона во мак-баскетот.
„Искрено, во овој момент кога знаеме дека Андреј Митревски не е спремен, дека ќе играме без еден од најдобрите, а во тимот имаме доста нови играчи, не би знаел што можеме да очекуваме од овој натпревар, прв официјален во новата сезона. Изгледаме поинаку, ќе видиме како сето тоа ќе функционира. Полека се воигруваме, сепак во тимот имаме доста нови играчи, и извесно е дека е потребно време за ‘да се најдеме’. Во тимот имаме и некои нови млади момци како Зетов, Стојковиќ, но и Димитриевски, Стојановски, плејада на таленти кои треба да го заземат местото на оние кои веќе не се со нас. Што се однесува до овој натпревар, наше е да излеземе, да играме најдобро што можеме, а резултатот ќе го видиме на крајот. Фаворитската улога му ја препуштам на МЗТ Скопје, екипа со најголем буџет во македонското првенство во сеозната која е пред нас“, вели тренерот на Феникс Денис Дервишевиќ.
Натпреварот кој ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје е закажан за во 19.30 часот. Два и пол часа порано во женскиот суперкуп ќе се сретнат Баскет Кам и МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

